Мицевска: За моите одбрани ќе зборуваме кога ќе победуваме

На дуелот против Црна Гора одигран вчера во СЦ „Борис Трајковски“ на голот на Македонија, заблеска Јована Мицевска која доби шанса од првата минута и потврди дека станува сè посигурна на голот.

Македонија загуби со 21:29, но дефинитивно добива една нова генерација која во следните години ќе може да донесе далеку подобри резултати од досега.

„Имаме доста изменета репрезентација. Има многу млади ракометарки, кои вложуваат и го даваат максимумот на тренинзите. Имавме неколку дена да се подготвиме и да се адаптраме на новиот систем кој го донесе новиот селектор. Сметам дека беше добро, но треба да биде уште подобро и во иднина ќе работиме уште понапорно на подобрување на играта“, изјави Мицевска за 24 Ракомет.

Мицевска имаше 11 интервенции, од кои повеќето беа зицер ситуации.

„Имав одбрани, но не победивме. Тоа е најважното. За моите одбрани може да зборуваме кога ќе победуваме“

Таа во последните сезони го носи дресот на Ница каде што очигледно има направено голем напредок во играта.

„Француската лига не може да се спореди со македонската. Франција е голема држава и има повеќе пари и се вложува многу. И таму спортот е на прво место, но квалитетот е на далеку повисоко ниво“, изјави Мицевска.

Можност за ново покажување на квалитетите ќе има веќе в недела кога Македонија гостува во Црна Гора.