Михајловски: Браќата Нокас се повредни од еден Гурбиндо

Ако падна Алборг, нека падне и Монпелје и Кил, па со тоа ние сме веќе во четврт-финалето од Лигата на шампионите, тоа ни е целта за оваа година", изјави Михајловски за 24 Ракомет.

Претседателот на Вардар секогаш е познат по тоа што зборува без задршка, и многу често знаел да има и визонерски идеи. При создавањето на тимот на годинава некои имаа скепса околу квалитетот на некои играчи, а веќе по неколку средби од Лига на шампионите се покажа дека изборот на играчи сепак бил вистински. Со доведувањето на браќата Оливие и Кевин Њокас, тимот доби и на квалитет особено во нападот.

Тимот ја оствари втората победа во Лигата на шампионите триумфирајќи со 30-28 против Алборг, актуелниот европски вицепрвак. Десетте гола на браќта Њокас и 15-те одбрани на Борко Ристовски беа меѓу клучните детали за освојувањето на бодовите за „црвено-црните“ кои по три кола имаат пет бода.

Во изјава за 24 Ракомет, претседателот Михајловски го искажа своето задоволство од победата над силниот состав на Алборг и истакна дека ракометарите на Вардар се во нагорна линија која дава надеж за подобри резултати во следните натпревари на меѓународна сцена.

„Многу е тешко да се каже каде Вардар беше подобар од европскиот вицешампион од Лигата на шампионите во овој натпревар, но Вардар е во голем налет после победата над Мешков Брест, исто така не треба да се потцени нерешениот резултат против Елверум во Норвешка. Со Мешков Брест одигравме феноменално, со Алборг игравме исто така квалитетно, но онолку колку ќе ти дозволи противникот и не треба да се заборави дека Данците се вицешампиони на Европа и се засилени. Ние сме во страшно нагорна линија и јас лично очекувам дека ќе играме подобро и подобро. Поради овој систем на натпревари, одигравме шест во овие две недели, мислам добро ќе ни дојде паузата што следи. Играме следен натпревар против Бутел, па после тоа следуваат натпреварите против Монпелје, Алборг на гостински терен и Кил. Ако падна Алборг, нека падне и Монпелје и Кил, па со тоа ние сме веќе во четврт-финалето од Лигата на шампионите, тоа ни е целта за оваа година”, изјави Михајловски за 24 Ракомет.

Пред почетокот на сезоната, Михајловски нагласи дека новиот состав на Вардар е за 30% посилен од минатиот состав. Истото го мисли и понатамму.

„Јас стојам на тој став и убеден сум дека тоа е така, дури и повеќе сум убеден дека сме подобри од ланскиот состав. Браќата Нокас се повеќе вредни за Вардар отколку еден Гурбиндо”, заврши Михајловски за 24 Ракомет.

Следен предизвик за Вардар ќе биде дуелот со францускиот Монпелје на 13 октомври во СЦ „Јане Сандански“. Во меѓувреме треба да се извршуваат и задачите од домашните првенство и викендов тимот гостува кај Бутел.