Митревски: Со текот на годините научив да го надоместам недостатокот на висина, тренирав поинаку од останатите

Еден од најдобрите и најискусни ракометари во македонскиот национален тим е капитенот Никола Митревски. Популарниот Никуч кој моментално е ракометар на Порто, повеќе од петнаесетина години гради успешна кариера. Покрај настапите во најдобрите македонски клубови Пелистер, Вардар и Металург, Митревски успешно го носеше и дресот на романски Доброгеа Суд, како и на сегашниот ривал во португалското првенство, екипата на Бенфика.

Иако не спаѓа во категоријата на високи голмани (висок е 189цм) Митревски има свои методи на тренинг со кои го надоместува тоа. Тој со своите посебни методи и техники на тренинг успева да го надокнади дефицитот во висина, и секако старосната граница (има 37 години) која не му може ништо. Митревски планира да настапува на ракометниот терен се додека го служи здравјето и го слуша телото, открива во интервју за португалскиот „О Жого“.

Мислам дека моето здравје ќе одлучи до кога ќе настапувам на ракометните терени. Внимавам на исхраната и исто така се грижам за моето тело, за да можам да настапувам во добра форма што е можно подолго. Во текот на кариерата научив што му треба на моето тело , што е добро, а што не. Во текот на денот правам многу работи за да се задржам во форма и да бидам подготвем за тренинг и настап.

Митревски вели дека никогаш немал голмански идол.

Бидејќи нема многу високи голмани со моите карактеристики никогаш не сум имал идол. Секогаш сум се трудел од различни голмани да земам по нешто што може да ми помогне во мојот перформанс.

Недостатокот на висина меѓу стативите Митревски го надокнадува со посебни видови на тренинг.

Со текот на годините научив да го надоместам недостатокот на висина, тренирав поинаку од останатите. На голманите со мојата висина им треба многу повеќе време за подготовка пред натпревар.

Со помош на тренерите се скенира противникот и се поставува одбраната.

Тренерите прават анализи и за ракометарите и за голманите. Во Порто го имаме нашиот тренер Телмо Фереира кој ни помага со неговото искуство. Но, и да се биде добро подготвен за натпревар не значи дека голманот ќе има голем број на одбрани. Како што ние голманите се подготвуваме, така и ракометарите се подготвуваат за нас и го менуваат репертоарот на удари. Воопшто не е лесно да се прочита противникот бидејќи сите се различни.

Митревски по настапите за националниот тим на Македонија на Мундијалот во Полска и Шведска, им се врати на обврските во Португалија, а одново би требало да биде еден од нашите најголеми адути во битките токму против земјата во која настапува, на дуелите од квалификациите за ЕП 2024.