Митревски: Натпреварот против Аргентина ќе биде мало финале!

По поразот од Норвешка, Македонија загуби и во второто коло на Мундијалот во Полска и Шведска од селекцијата на Холандија со 34-24 и останува уште дуелот со Аргентина, на кој ќе мора да бркаме победа за место во главната рунда.

Голманот на Македонија, Никола Митревски по загубениот дуел со Холандија ги сподели своите видувања.

„Тие неколку црни периоди по три-четири минути во мечот со Холандија во кои противникот ни правеше по 3-0 серија, го одлучија натпреварот, исто како и на претходниот натпревар со Норвешка. Тие минути беа лоши, очајни за нас, многу бргу се откажувавме,  тука е и неискуството на некои играчи. Мора да поработиме на тоа, дури и покрај резултатот, да не правиме наивни грешки и да се бориме за секоја топка”, изјави Митревски.

Битолчанецот истакна дека следниот дуел, против Аргентина, за Македонија ќе биде мало финале, во кое ќе мора да се поправат и да дојдат до победа.

,,Натпреварот со Аргентина за нас ќе биде едно мало финале. Се надевам дека ќе го поправиме ритамот на игра. Аргентинците исто така загубија со десет гола од Холандија. Знаеме што не чека против Аргентина, имаме доволно време, а потоа ќе видиме како ќе се одвива тој меч кој и за двете ќе биде финале за втора фаза“, заврши Митревски.

Натпреварот меѓу Македонија и Аргентина ќе се одигра на 17 јануари со почеток од 18:00 часот.

Македонија немоќна и против Холандија, Аргентина е последна шанса за прогрес