Македонија немоќна и против Холандија, Аргентина е последна шанса за прогрес

По поразот од Норвешка, Македонија загуби и во второто коло на Мундијалот во Полска и Шведска од селекцијата на Холандија со 34-24 и останува уште дуелот со Аргентина, на кој ќе мора да бркаме победа за место во главната рунда. Ривалот уште во првиот дел направи висока залиха од седум гола, во второто полувреме Македонија се доближи на минус четири, но немаше сили да се доближи уште повеќе или да размислува за пресврт.

Избраниците на Кире Лазаров со голот на Серафимов стартуваа со водство од 1:0 во воведниот дел, откако „лалињата“ не погодија во првиот напад. Холандија преку еден од поискусните играчи, десниот бек Кај Смитс го израмни резултатот на 1:1.

Македонија играше ефикасно на стартот, го користеше невниманието во редовите на Холандија. Следуваше период, во кој се играше гол за гол, па така по пет минути игра резултатот беше нерешен, 3:3.

Иако Македонија имаше играш повеќе во еден момент, сепак, не успеа да ја искористи дадената ситуација и да направи исчекор. Ракометарите на Олсон за првпат поведоа во 6 минута со 4:3, а минута подоцна дојдоа и до највисоките дотогаш плус два 5:3.

Македонија – Холандија СП 2023

Македонија никако не можеше да излезе од кризата по добриот почеток, се зголемија техничките грешки во „црвено жолтиот“ табор, а Стеинс и колегите во 10 минута дојдоа и до водство од 7:3.

Кризниот период во Македонија беше прекинат со голот на Манасков од пенал за намалување на негативата на 7:4. Кон средината на првиот дел предноста на Холандија беше 9:5.

До 15 минута голманот на Холандија, Равенсберген имаше шест интервенции и беше еден од најзаслужните за предноста на неговата репрезентација. Откако Холандија имаше четири гола разлика (10:6), Македонија со погодоците на Кузмановски и деби голот на Павле Атанасијевиќ за момент намали на 10:8.

Холандија по тајм-аутот на Штафан Олсон, односно во 20 минута повторно дојде до четири гола разлика, 13:9. Искусните ракометари на Холандија во 22 минута дојдоа и до пет гола разлика 14:9, имаа и 15:9 и рутински ги одработија последните осум минути. По 30 минути игра резултатот беше 18:11 во корист за „лалињата“.

Вториот дел започна со голот на кружниот напаѓач Жарко Пешевски за намалување на негативата на минус шест, 18:12. Холанѓаните на почетокот на вторите 30 минути се опуштија поради високата предност, не реализираа неколку напади, додека Македонија со два гола во низа намали на 19:14. Томовски на моменти не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа и откако Холандија водеше со 20:14, македонската репрезентација повторно направи серија од 2:0 и намали на 20:16.

Македонија полека фаќаше ритам, имаше шанса да дојде и до помала негатива, но Холандија единствено преку Кај Смитс успеваше да одржи дистанца од четири до пет гола разлика. Водството на Холандија во 45 минута беше 23:18, додека минута подоцна ракометарите на Олсон со три гола на празна мрежа дојдоа до највисоката разлика и водство од 26:18.

Тука веќе беше јасно дека избраниците на Лазаров ќе имаат тешка задача за евентуален камбек. Играта на Македонија во последните 15 минути целосно се распадна. Како одминуваше времето Холандија се почесто доаѓаше до погодок, а нашиот селектор им даде шанса на сите ракометари од клупата. Сепак во финишот не се промени ништо и Холандија само рутински ја задржа предноста до крајот.

Најефикасен во победничката селекција беше Кај Смитс. Членот на Магдебург во мрежата на Македонија погоди десет пати. Кај Македонија се истакнаа Филип Кузмановски и Жарко Пешевски со по четири погодоци.

За Македонија останува уште дуелот со Аргентина на 17 јануари од 18:00 часот. Селекцијата на Аргентина вечерва со почеток од 20:30 часот ќе игра против Норвешка.