Митревски и Седлоска ќе ја бранат честа на македонскиот ракомет во ЛШ

Македонија во новата сезона во Лигата на шампионите ќе има два претставници во името на Никола Митревски од Порто и младата репрезентативка на Македонија, Андреа Седлоска, која го носи дресот на хрватскиот шампион Локомотива Загреб.

Голманот на Македонија, Никола Митревски, кој во текот на на 2020 година се пресели во редовите на португалскиот клуб, во минатата сезона беше меѓу номинираните за најдобар голман во Лигата на шампионите, а одличните партии беа наградени со продолжување на неговиот договор до 2024 година.

Левиот бек, Андреа Седлоска за првпат ќе игра во Лигата на шампионите. Прилепчанката претходно со Локомотива Загреб учествуваше во Лига на Европа, односно во ЕХФ Купот. Локомотива Загреб обезбеди директно место во европската елита, откако успеа да стане шампион на Хрватска.

Ждрепката за групната фаза во Лигата на шампионите во машка и женска конкуренција е закажана на 1 јули. Титулата кај мажите ќе ја брани Барселона, а кај дамите норвешкиот Вајперс Кристијансад.