Митревски и Порто се спасија од пораз од Монпелје, ја продолжуваат трката по четвртфинале

Екипата на Порто, во која настапува голманот на македонската репрезентација, Никола Митревски, во првиот дуел од осминафиналниот двомеч од Лигата на шампионите против Монпелје успеа да обезбеди реми, 29:29, така што на реванш натпреварот, кој е закажан на 6 април во Монпелје, двете екипи ќе почнат од нула.

Ракометарите на Порто во најголемиот дел од првото полувреме беа во водство, но екипата од Франција во завршниот дел од првите 30. минути успеа да го скрши отпорот на домаќинот и да дојде до минимална предност. Митревски и неговите соиграчи имаа добар старт, на моменти и водство од четири гола разлика, 9:5. но во последните десет минути од првото полувреме немаа решение за расположените гости од Франција, кои со серија на неколку погодоци стигнаа до 14:13 на полувреме.

На почетокот на второто полувреме, домаќините се вратија во игра, израмнија на 15:15 и во неколку наврати имаа минимално водство од 16:15, 17:16 и 18:17. Иако, Монпелје од 40. минута, па се до последните минути од натпреварот константно беше во водство, сепак, домашниот состав со одличниот Себастијан Франдсен меѓу стативите, направи камбек во завршниот дел и успеа да дојде до реми на овој натпревар.

Митревски не доби голема минутажа, запиша само една одбрана. Неговиот колега, Себастијан Франдсен беше играч на натпреварот бидејќи во последните секунди го одбрани ударот од пенал на Хуго Деска. Најефикасен во екипата на Порто беше Антонио Ареја Родригез со шест погодоци. Кај Монпелје се истакнаа Хуго Дескат и Карл Валиниус со по пет погодоци.