Митревски: За победа против Аргентина ќе треба да ги намалиме грешките

Репрезентацијата на Македонија утре го игра натпреварот од последното, трето коло, од групната фаза на Светското првенство 2023.

Противник на ракометарите на Македонија ќе биде репрезентацијата на Аргентина, која исто така доживеа два порази на Мундијалот, од Норвешка и Холандија.

Голманот Никола Митревски е оптимист за утрешниот дуел со Аргентина.

,,Како што беше познато претходно, ние бевме аутсајдери во групава, а поразите се преголеми за нас. Покажавме квалитет во двата натпревари, против Холандија и Норвешка. Со Норвешка имавме кризен период од по пет минути во првото и второто полувреме во кои дозволивме 11 разлика. Сепак, мислам дека тоа е цената на неискуството, имаме седум дебитанти во репрезентацијата. Без оглед на тоа што имаме и искусни ракометари, игравме против силни репрезентации. Со Аргентина сметам дека имаме реални шанси да победиме. Како и секогаш, и кога сме имале добри или лоши натпревари, голманите зависат од одбраната. Пример, без силна одбрана, ти можеш да имаш и 15 интервенции, а тоа е залудно. Се надевам ќе бидеме сконцентрирани, многу лесно паѓавме на двата натпревари. Доколку го избришеме тоа во нашата игра, имаме шанса да се носиме со посилни репрезентации од нас. Сите играат брз ракомет, трчаат тие, а и ние. Кој ќе направи помалку грешки, тој ќе победи. Пред две години бевме фаворити да бидеме третопласирани, сега е поинаку. Без разлика на минатото, се фокусираме на сегашноста и на дуелот со Аргентина“, изјави Митревски.

Натпреварот меѓу Македонија и Аргентина ќе се одигра утре со почеток од 18:00 часот. На Аргентина и одговара и нерешен резултат, додека опција за Македонија е само победа.

Лазаров: Аргентина е квалитетен ривал, мора да бидеме фокусирани за победа!