Митревски: Доаѓањето во Порто беше најдобрата одлука во мојата кариера

Македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски и следната сезона ќе го носи дресот на Порто, откако лани се обврза на двегодишна верност.

Тој бранеше на високо ниво во сите конкуренции во кои Порто играше, а освои двојна круна во Португалија и тоа без ниту еден пораз.

Најпрво беше во дуо со Алфредо Кинтана, а во пролетниот дел од сезоната со Мартон Секељ. Македонецот вели дека најдобра одлука во кариерата му било доаѓањето во Порто.

„Доаѓањето во Порто беше најдобрата одлука во мојата досегашна кариера. Сакам и понатаму да победувам и да освојувам трофеи во дресот на Порто“, изјави Митревски.

Неговиот Порто во новата сезона го очекува настап во Лигата на шампионите, а се најде во групата Б, па Митревски ќе има можност да ги покаже своите квалитети против Барса, ПСЖ, Келце, Динамо Букурешт, Мотор Запорожје, Веспрем и Фленсбург.