Митков и Костески го освоија пехарот, но Холабрун нема да игра во елитата

Тимот на Холабрун, каде што играат двајцата македонски интернационалци Влатко Митков и Никола Костески, славеше во последното коло од плеј-офот од Втората лига на Австрија.

Холабрун победи против Тирол со 31-23, а одлична партија имаше десниот бек Митков со 11 погодоци, додека Костески стрелаше два пати.

Тимот на Македонците на крај имаше 15 бодови, исто колку и Корнебург и Тирол, па се направи мини табела, на која само за еден гол Холабрун го освои првото место и го подигна шампионскиот пехар за најдобриот во Втората лига.

Австриската федерација реши оваа сезона да нема испаѓање во понизок и пласман во повисок ранг, па Холабрун и наредната сезона ќе игра во Втората лига.

Ова беше последен натпревар за Костески во Австрија, бидејќи десното крило се сели во чешкиот првак Плзен.