Митев за 24 Ракомет: Ќе дадам сè од себе за да дебитирам против Египет

Организаторот на играта на Бутел Скопје и МВП на последниот ЕХФ шампионат за кадети одржан во Скопје, Марко Митев од вчера е на собир со сениорската селекција која в петок и в сабота ја очекуваат два дуели против Египет.

Тој е пред голем предизвик, а се надева дека во следните денови ќе успее да се наметне доволно за да може да добие место меѓу патниците за Египет.

„Пред сè мило ми е што сум на списокот на играчи кои се повикани за подготовките за ЕХФ неделата. Се надевам дека ќе успеам да се докажам за да добијам можност да дебитирам за сениорската репрезентација. Среќен сум што сум дел од овој собир. Веќе имав можност да играм за Б селекцијата, а ќе дадам сè од себе за да добијам шанса за да патувам за Египет. Се надевам дека ќе го исполнам сето она што ќе биде потребно“, изјави Митев за 24 Ракомет.

Во изборот на 24 Ракомет за најдобар млад ракометар за минатата сезона тој го доби признанието пред конкуренцијата, а таа награда му помогна за уште поголема мотивација и уште посилна работа.

„Секоја награда е уште причина за поголем мотив и за шанса да се продолжи посилно. Секако и да бидам поконцентриран на ракометот. Ако продолжам во овој стил со работа тогаш можам повеќе и повеќе“.

Со клубот е врзан на уште една сезона така што следното лето може да се очекува да ја смени средината. Веќе е интересен за неколку екипи така што ќе може да одбере каде ќе ја продолжи кариерата.

„Имам договор со Бутел до крајот на оваа сезона. Имам понуди од други клубови, но уште е рано да се зборува за тоа. Сакам кариерата да ја продолжам во екипа каде што ќе можам најдобро да се развивам како играч. Засега е рано да се зборува за заминување во странство и планирам кариерата да продолжам да ја градам во Македонија. Тоа ќе биде во клуб каде што ќе имам минутажа и шанса за докажување на квалитетите“, коментираше Митев.

Ова му е нова шанса во сениорскиот состав, но првпат е во најдобрата екипа бидејќи претходно беше во Б тимот. Со своите игри сè повеќе се наметнува така што сега е на него да се обиде и да се избори за место за тимот и за следните предизвици.