Миркуловски и Вецлар обезбедија опстанок во најсилната лига на светот

Тимот на Вецлар, кој е предводен од македонската легенда Филип Миркуловски, а во него настапува и репрезентативецот на Македонија, Филип Кузмановски, на три кола пред крајот обезбеди опстанок во најквалитетното натпреварување на светот.

Актуелниот бранител на титулата во Првата Бундес лига, Магдебург му направи услуга на Вецлар, откако во натпревар од 32. коло убедливо го совлада Минден со 44:30.

Минден со овој пораз остана во зоната за испаѓање, моментално има 12 бода, додека Вецлар на свое конто има 17 бода. Тимот на Вестфален, кој во досегашниот тек од сезоната успеа да триумфира само на три натпревари, веќе е преселен во понизок ранг на натпреварување.

Вецлар до крајот од сезоната го очекуваат дуелите со Мелсунген, Кил и Магдебург. Јасно е дека тимот на Миркуловски е аутсајдер против најдобрите германски клубови, но сепак, и со пораз на трите дуели ќе остане во најсилната лига. Ракометарите на Минден во последните две кола ќе играат против Хановер и Гумерзбах.