Мирко Алиловиќ ќе брани за Унгарија?!

Ива Алиловиќ, сопругата на голманот на ПИК Сегед Мирко Алиловиќ во интервју за хрватските медиуми потенцираше дека повеќе би сакала нејзиниот сопруг да настапува за репрезентацијата на Унгарија отколку за Хрватска.

Семејството Алиловиќ живее во Сегед и премногу се задоволни од условите и тоа како ги прифатила околината. Ива смета дека Мирко е повеќе повеќе ценет и препознатлив во јавноста во Унгарија отколку во Хрватска.

„После освоените седум медали со репрезентацијата на Хрватска мислам дека има придонесено доволно за националниот тим. Повеќе би прифатила да игра за Унгарија отколку за Хрватска затоа што Унгарците повеќе го сакаат и ценат. Освен тоа, во времето кога играше за Хрватска често сите бевме под голем притисок од медиумите, а мислам дека тоа не е потребно на никој од нас“, изјави Ива Алиловиќ.

Последниот настап за Хрватска, Алиловиќ го забележа на Европското првенство во 2018 година, па мора да помине уште една година, доколку Унгарија реши да му понуди место меѓу стативите покрај Роланд Миклер, Адам Борбели и Мартон Секели.