Милосављев: Мотото од Вардар засекогаш – само со 200 проценти на терен може во финале

Голманот кој беше дел од Вардар во сезоната кога беше освоена втората круна во Лигата на шампионите, Дејан Милосављев се наоѓа пред ново учество на Ф4 турнирот, но во Лигата на Европа.

Тој пред овие натпревари се мотивира со мотото кое го има од времето додека играше со Вардар, а тоа е дека мора да се остави срцето на терен односно да се одигра со 200 проценти од силите доколку се сака успех.

„Секогаш е подобро да се соочиш со најсилниот противник во полуфиналето, тогаш си целосно свесен што и како се случува. Нема ништо во стил – ‘заштедете ја енергијата за в недела’. Станува збор за давање 200 проценти за да се обезбеди пласман во финалето. Ако играте во финалето в недела тогаш сакате и да го освоите секако“, вели Милосављев во интервју за сајтот на Европската ракометна федерација.

Исто така вели дека тимот за кој сега игра, полека наликува на „црвено-црните“ така што верува дека ќе може да го повтори успехот.

„Фуксе Берлин е на добар пат да стане клуб каков што е Вардар. Имаат професионална клупска структура, амбициозни се, а иднината ќе докаже дека клубот е на вистински пат. Горд сум што сум дел од овој клуб, исто како што сум горд што бев дел и од екипата на Вардар“, коментира Милосављев.

Тој во својата втора сезона успеа да стигне до одлични бројки. Има просек од десет одбрани по натпревар во Бундес лигата каде што е лидер на голманите со што само докажува дека продолжува да напредува.