Милиќ: Во Вардар бев меѓу два огна – Раул не ме сакаше, Самсоненко не ме пушташе да заминам!

Српскиот интернционалец Страхиња Милиќ, го бранеше голот на Вардар пет сезони, но замина од Скопје пред стартот на сезоната 2018/19.

Популарниот Џамбо, по пауза од скоро две години, се врати на ракометните терени и сега брани за матичниот Партизан.

Тој во интервју за клупската телевизија откри интересни детали.

„Не верував дека ќе направам две години пауза од ракометот. Ме мрзеше да тренирам. Кога се вратив и го гледав мечот меѓу Вардар и Келце во Лигата на шампиони, изгледав како никогаш да не сум играл ракомет. Тоа луѓето не можат да го разберат… Не бев во најдобри односи со тренерот Раул Гонзалес, бев меѓу два огна. Тренерот не ме сакаше, ајде така да кажам, а претседателот Сергеј Самсоненко ме сакаше и тој не ме пушташе да заминам на друго место“, вели Милиќ.

Српскиот чувар на мрежата пред да дојде во Вардар, бил пред трансфер во бундеслигашот Мелсунген.

„Јас бев пред потпис со германски тим, но заминав во Скопје затоа што на мене и на Партизан ни требаа пари. Не сакав да заминам доле, но морав да заминам. Сепак, ми се допаѓаше животот во Скопје, јас сметам дека сме исти народ. Добив договор на една година, кога во клубот беа Веселин Вујовиќ и Михајло Михајловски, по што се појави Самсоненко, на кој му се допадна тимот и реши да го преземе. Потоа ја освоивме ЛШ и се понатаму е историја…“, вели Милиќ.

Тој го имаше првиот настап во новата сезона за Партизан на завршниот турнир во Купот на Србија.