Милионскиот проект на ЧСМ Букурешт остана без Ф4!

Еден од клубовите со најголем буџет во женскиот ракомет, ЧСМ Букурешт, остана без пласман на Ф4 во Лигата на шампионите откако во реванш натпреварот од четвртфиналето одигра само реми против Есбјерг, 27:27 (12:14). На првиот дуел, кој беше одигран во Букурешт, данскиот претставник триумфираше со еден гол разлика 26:25.

Најефикасна во победничката екипа беше Кристинe Брејстол со девет погодоци. Во ЧСМ Букурешт, Кристина Неагу беше прв стрелец со седум погодоци, додека екс ракометарката на Вардар, Сираба Дембеле, имаше пет реализации.

Есбјерг за првпат ќе игра на завршницата од Лигата на шампионите и ќе има можност да се бори за титулата во престижното натпреварување. ЧСМ Букурешт три сезони успеваше да стигне до Ф4, а во сезона 2015/16 со победата над Ѓер го освои првото место.

Освен Есбјерг, пласман на Ф4 турнирот во Будимпешта обезбедија и екипите на Вајперс Кристијансад, Ѓер, како и Мец, кој без борба влезе меѓу најдобрите четири екипи во Лигата на шампионите поради дисквалификацијата на Ростов Дон од страна на ЕХФ. Актуелен бранител на титулата е норвешкиот шампион, Вајперс Кристијансад.