Мец ја освои Подгорица, бадијала 14 гола на Азенаиде за Кастамону

Денес се одиграа два натпревари од женската Лига на шампиони во рамки од 4. коло, а на победа се радуваа екипите на Мец и Сторхамар.

Екипата на Мец на гостувањето во Подгорица кај Будуќност имаше лесна задача и оствари убедлив триумф од 36:28, во натпревар од Б групата.

Францускиот тим победата ја обезбеди уште во првото полувреме, кое го доби со 21:16 и до самиот крај имаше рутинска контрола во дуелот со црногорскиот шампион.

Предводничка во екипата на Мец беше Бруна де Паула со девет гола. Во составот на Бојана Поповиќ најефикасна беше Милена Раичевиќ со десет гола.

Дебитантот во Лигата на шампионите, тимот на Сторхамар ја забележа втората победа, откако на свој терен триумфираше над турскиот шампион Кастамону со 31:29 (12:13).

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката на Кастамону, Карлос Азенаиде, која постигна 14 гола, недоволни за поволен резултат на нејзиниот тим. Кај Сторхамар листата на стрелци беше предводена од Маја Јакобсен со девет гола.

На утрешната програма ќе се одиграат вкупно шест натпревари, со што ќе биде комплетирано 4. коло.