Металург тргна со подготовки, пристигнаа браќата Њокас и Мане

Ракометарите на Металург денеска во салата „Автокоманда“ во Скопје, ги почнаа подготовките за новата натпреварувачка сезона. Според планот и програмата на тренерот Иван Марковски, подготвителната фаза на металурзите ќе биде поделена во три фази.

Првата фаза ќе биде во Скопје, потоа од 3 до 15 август во Маврово паралелно ќе се работи на физичка и на техничко-тактичка подготовка, која ќе биде заокружена со две пријателски средби со Еурофарм Пелистер и настап на ракометниот турнир во Струга.

Во третата фаза главен акцент ќе биде подготовка и уигрување на тимот за натпреварите, а ќе биде реализирана во Скопје. Предвидени се и неколку пријателски натпревари и настап на турнирот во Цриквеница во Хрватска, од 28 до 31 август.

Во пресрет на новата сезона, Металург ангажира седум нови имиња – браќата Оливие и Кевин Њокас, Абдула Мане, Португалецот Улисис Рибеиро, Костадин Петров, Бобан Каковски и Димитар Бардакоски.