Металург со идеја за промена на системот и кај жените

Во моменти кога се очекува епилогот на сезоната, потврда за новиот систем што мажите треба да го играат в година со вкупно 14 екипи поделени во две групи, и распределбата на местата во европските купови и во двете конкуренции од екипата на Металург дојде предлог за тоа како би можело да биде организирана Женската лига во новата сезона.

Предлогот на Металург вели да има две групи. Во зависност на тоа колку екипи ќе се пријават за следната сезона тие би требало да бидат поделени во Група А и Група Б, но според квалитетот, односно според пласманот кој го остварија во актуелната сезона пред нејзиниот прекин.

На тој начин првите шест екипи би играле во Групата А, додека другите во Групата Б. За да има поголем број на натпревари би требало да се играат по четирипати секој против секого во есенскиот дел и уште четирипати напролет. Од Групата А би требало да испадне последнопласираниот, а од Групата Б во ранг повисоко да оди само тимот кој се пласирал на првата позиција.

Предлогот оди и кон тоа да биде скратена паузата и место до 25 февруари паузата да трае до 25 јануари, а тоа би зависело од бројот на пријавени екипи. Воедно се дава предлог и за да може натпревари да се играат до 15 јуни доколку е потребно.

Дали овој предлог ќе наиде на одобрување останува да се види, но дефинитивно од Металург го имаат доставено до Управниот одбор на РФМ и се очекува по него да има произнесување при одржувањето на состанокот.