Металург РА донесе две засилувања, потпишаа Стојанов и Силјанов

Екипата на Металург РА за следната сезона ги ангажираше првите засилувања. Станува збор за левиот бек Лазар Стојанов, кој освен на левата бековска позиција може да одигра и на позицијата десен бек, како и за Филип Силјанов, кој иста така игра на лев бек. Стојанов и Силјанов во редовите на тимот од Автокоманда доаѓаат од Борец.

Стојанов во велешкиот тим изминатата сезона беше најдобар стрелец, постигна 148 погодоци и заврши меѓу најдобрите десет стрелци во Првата лига.

Тој има искуство и со играње на суперлигашки натпревари. Во сезона 2018/2019 беше втор стрелец во плеј-аут фазата кога Борец достојно ги играше натпреварите во Супер лигата. Освен за Борец настапуваше и за екипата на Тиквеш, но во клубот од Кавадарци не добиваше голема минутажа.

Металург РА во новата сезона во Првата лига ќе игра во група Б заедно со Риниа, Партизан Гевгелија, Борец, Ангели Волково, Астраион, Голден Арт 2, Аеродром, Преспа и Драчево. Најдобрите пет екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата, додека останатите ќе играат во плеј-аут групата.