Металург остана и без тренер – Иван Марковски го раскина договорот и најави судски процес

Тренерот Марковски веќе ја информирал ид Ракометната федерација на Македонија, претседателот Живко Мукаетов, како и Европската ракометна федерација. Бројот на тренери и играчи што преку судски пат ќе си ги бараат побарувањата се зголемува, а и покрај тоа клубот продолжува да „дише на шкрги“ преживувајќи „ден за ден“.

Сагата со Металург продолжува, а заминувањата од клубот се побројни, повторно поради беспарицата што со месеци и години го тресе тимот од Автокоманда. Од утре поранешниот македонски првак ќе мора да си бара и нов тренер. Сегашниот, Иван Марковски го извести клубот дека го раскинува договорот – поради неисполнети финански услови од нивниот договор.

Марковски од март лани седна на тренерското столче, па прво избори место во европските купови, но клубот реши да не настапува поради депозитот што ЕХФ го побарал од 50.000 евра како гаранција. Играчите што беа донесени како засилувања, брзо сфатија дека тука има финансиски проблеми, па почнаа да си бегаат. Браќата Њокас, Мане, Хорват… па дури и клупското дете Лазаревски кој замина за Словенија. Истото е најавено и од Озтурк и Риберо, додека двајца играчи Петковски и Митиќ бараат раскин на договорите преку Арбитражата на РФМ…

Марковски остана во клубот надевајќи се дека работите ќе се сменат и поради постојаните ветувања дека „идат добри времиња“. И покрај лошиот старт на Металург сезонава, и со состав од десетина играчи, меѓу кои и младинци пак е во игра за место во плејофот покажувајќи дека добро се работи со тимот. Во меѓувреме тренерот само неколкупати добил плата според потпишаниот договор. Се друго останало на ветување.

Ниту ваучерите не стигнаа да ги покријат финансиските дупки, ниту пак општината може да го извлече клубот од долговите така брзо, како што се најавува. Тренерот повеќепати се обидувал да најде решение, но од клубот имало само ветувања и безброј неодговорени повици и обиди за состанок. Сопственикот Минчо Јорданов во неколку наврати помогнал, но само колку да се ублажат работите и да нема поголема ескалација.

Играчите се решија и на штрајк, но пак имаше ветувања и се заврши полусезоната, а тие останаа на ветувањата. Марковски реши да ја прекине таа агонија, и да продолжи на друга страна, но и да си ги бара парите заработени

Марковски веќе ја информирал ид Ракометната федерација на Македонија, претседателот Живко Мукаетов, како и Европската ракометна федерација. Бројот на тренери и играчи што преку судски пат ќе си ги бараат побарувањата се зголемува, а и покрај тоа клубот продолжува да „дише на шкрги“ преживувајќи „ден за ден“.

Сега освен играчи од Автокоманда треба да бараат и тренер што ќе се нафати да седне на жешкото столче.