Металург му „дише во врат“ на Куманово

Актуелниот македонски шампион Металург ја продолжува трката со тимот на Куманово за првото место во Женската лига.

По победата на кумановки над  Спартак, и тимот од Автокоманда славеше на гостувањето во Свети Николе кај Овче Поле СУ со убедливи 19-34.

Победникот беше решен уште по првиот дел, кога гостинките водеа со 11-18, а второто полувреме беше само формалност како и на повеќето средби од оваа конкуренција.

Прв стрелец кај победникот беше Мирјана Петковска со десет погодоци, додека во домашниот тим се истакна Елена Вучевска со 11 голови.

Металург сега има 33 бодови, додека на зимска пауза Куманово ќе оди како лидер со 36 бодови на првата позиција.