Металург загуби во Винковци, но оди во 2. рунда од Лигата на Европа

Екипата на Металург не успеа да забележи и втора победа против составот на Спачва од Винковци, но и покрај поразот пласманот во 2. коло од Лигата на Европа не беше доведен во прашање. Металурзите беа поразени со 25:29 но поради победата од 35:28 на првиот дуел местото во следната фаза не беше доведено во прашање.

Првиот дел од натпреварот мина во израмнета игра. Немаше предност за ниту еден од тимовите, па оваа израмнета игра донесе нерешени 14:14 на одмор. Во овој дел немаше ниту еден играч на Металург кој отскокнуваше бидејќи повеќе ракометари имаа по два гола.

После нерешените 14:14 на крајот од првото полувреме во вториот дел од средбата работите се изменија. Неколку грешки на Металург беа доволни за Спачва да успее да наметне свое темпо на игра. Брзо беа обезбедени плус четири гола разлика, а таквата игра донесе и интересна завршница.

Сепак, искуството на играчите на Металург беше доволно за да се одржи разликата која носеше во следната фаза, па немаше проблеми за да се дојде до место во 2. коло каде што Металург ќе има улога на носител.

Денеска најефикасни играчи во таборот на Металург беа Канкараш и Мариќ, кои погодија по петпати. Четири гола имаше Хорварт, а три Тарабокија. Убедливо најефикасен беше Марко Над кој имаше девет од девет.