Металург во финишот ја „скрши“ незгодната Стружанка

Екипата на Металург по завршувањето на обврските на европска сцена се врати на настапите во домашниот шампионат и во натпревар од групата Б ја совлада незгодната екипа на Стружанка со резултат 22:19.

Гостинките во текот на целиот натпревар се покажаа како тврд противник одржувајќи резултатски егал. Сепак, поискусната екипа, која има само еден пораз во тековната сезона, во последните пет минути од второто полувреме го скрши отпорот на гостинската екипа од Струга и се израдува на нова победа.

До 20 минута се играше во егал и најчесто составот на Јулијана Дамчевска беше во водство, но не поголемо од еден-два гола разлика. Нерешените 3:3 по десет минути игра им даваа надеж на гостинките дека можат да го надиграат домашниот состав. Металург кон средината на првото полувреме на трипати имаше плус два, водеше со 6:4, 7:5 и 8:6 и овие два гола разлика не беа никаква гаранција за сигурна победа.

Стружанка преку расположената Делиоска намали на 8:7 и во последните осум минути не успеа да дојде до реализација. Металург ја искористи кризата во гостинската екипа и со три гола во низа, кои беа дело на Младеновска, Гугуљанова и Арсениевска, на пауза замина со предност од 11:8.

Металург во вториот дел цели десет минути беше без постигнат гол. Екипата од Струга со серија од 3:0 целосно се врати во игра израмнувајќи го резултатот на 11:11. Домашниот состав првиот гол го постигна во 40 минута преку Младеновска за 12:11, но мотивираните ракометарки на Стружанка израмнија на 12:12, потоа дојдоа и до првото водство од 13:12 и до самиот крај беа во борба за освојување на бодовите.

Ракометарките на Металург успеаја да се консолидираат, израмнија на 13:13 и во последните десет минути влегоа со водство од 16:13. Стружанка повторно се врати во игра, намали на 16:15 и до 55 минута заостануваше на еден гол негатива. Домаќинките се одлепија на 19:17 и во финишот успеаја да ја одржат минималната предност од два гола разлика и да дојдат до четвртата победа во новата натпреварувачка сезона.