Металург без проблеми против Спачва, има солидна залиха пред реваншот

Металург славеше убедлива победа над хрватскиот претставник Спачва со 35-28 во првиот натпревар од првото коло во Лигата на Европа и има солидна залиха пред реваншот во Винковци следниот викенд.

Гостите, кои го играа својот прв меѓународен натпревар, на почетокот одржуваа резултатска рамнотежа, до 4-4. Потоа тимот од Автокоманда се одлепи на 8-4, но Спачва се врати на 8-7, а потоа намали и на 11-10.

Сепак во финишот на полувремето се разиграа металурзи, па стигнаа до 14-10 со неколку брзи голови, а до паузата избраниците на Зоран Кастратовиќ успеаја преку Серафимов, Поповиќ и Додиќ да обезбедат плус пет, 17-12.

По финишот на првиот дел беше јасно каков натпревар ќе гледаме до крајот. Во вториот дел комплетно беше скршен отпорот на гостите и предноста на Металург растеше континуирано.

Во 45. минута беше 27-20 со двата гола на Серафимов, а Лазаревски стрелаше за 30-21 на десетина минути до крајот. Гостите намалија на минус пет, но во финишот Металург преку Шилегов, кој реализираше на два пати, обезбеди победа со 35-28 и плус седум пред вториот меч.

Најдобри стрелци во тимот на Металург беа Поповиќ со шест и Серафимов со пет голови, додека кај Спачва се истакна Бунтиќ со шест погодоци. Реваншот меѓу овие две екипи следната сабота во Винковци, со почеток во 19:30 часот.