Маџовска: Наше е само да одиграме храбро и да се бориме

Женската репрезентација на Македонија се подготвува за настап на Европското првенство во ноември, на кое нашата држава заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидат домаќини.

Една од поискусните играчи во репрезентацијата на Македонија е интернационалката Симона Маџовска, која неколку сезони настапува во Германија, а оваа сезона со нејзиниот Цвикау играат во Бундес лигата.

Битолчанката истакнува дека атмосферата во македонската репрезентација е на одлично ниво и за трите натпревари од првата фаза активно се работи на физички и тактичко-технички план.

„Овие подготовки сѐ од поинаков вид, бидејќи на претходните собири имавме само неколку дена тренинзи, во кои мораше се да биде темпирано и да не бидеме премногу уморни. До сега, не сме имале толку време за да направиме еден ваков вид на подготовки. Сега првпат имаме повеќе време и на подготовките се работи и на физички и на тактички план. Имаме повеќе време за градење на тимскиот дух, иако хемијата меѓу играчите е на одлично ниво, сепак, тоа никогаш не е доста, секогаш може да се надоградува и без разлика колку сме подготвени или мислиме дека сме подготвени, секогаш може да бидеме подобри, само треба добар тренинг и работа и само работа”, изјави Маџовска.

Македонија немаше многу среќа во ждрепката за ЕП и за ривали ги доби репрезентациите на Холандија, Франција и Романија. Пласман во следната фаза ќе обезбедат најдобрите три репрезентации од секоја група.

„Колку да ги познаваме противниците, мислам дека пред сѐ по звучност кога ќе слушнеме Франција, во прв момент веднаш оваа репрезентација ни асоцира на настап на Олимпијада, финалиња на Мундијали и на Европски првенства, односно многу успеси на големите натпреварувања…Започнавме и со видео анализи и овој период го користиме за целокупна анализа и подготовки од секој аспект за натпреварите. Единствено со Романија, поголемиот број од овој состав, настапи во бараж дуелот со оваа репрезентација за пласман на Светското првенство и тие „најпресно” ги познаваме. Анализираме од видеа, гледаме која ракометарка како игра, стручниот штаб ни дава совети и наше е само да одиграме храбро и да се бориме”, додаде Маџовска.

За Маџовска и за нејзините соиграчи, континенталниот собир во ноември ќе биде голем предизвик, но и прво големо сениорско искуство.

„Холандија и Франција играат сосема различен стил на игра за разлика од Романија. Во овие репрезентации играат ракометарки од светски калибар и без разлика каков ќе биде резултатот на крај, нас ќе ни биде чест да играме против најдобрите. Тоа е големо искуство за нас и прво сениорско искуство за овој состав на едно вакво големо натпреварување. За некоја ракометарка, ова првенство може да биде единствено, додека за некоја може да биде само почеток во својата кариера. Без разлика што немаме контролни натпревари пред ЕП, во рамки на ЕХФ Евро Купот имавме силни пријателски натпревари против Црна Гора, Норвешка и Словенија и овие контролни дуели ни помогнаа многу. Пред извесен период игравме и со Б репрезентација на Норвешка. Тие натпревари ни помогнаа за да се уиграме и видовме која ракометарка колку може на својата позиција во напад или во одбрана. Ние ќе бидеме една од најмладите репрезентации на ЕП. Нашата репрезентација има иднина и наше е само да работиме за да стигнеме до целта”, заврши Маџовска.

Европско првенство 2022 ќе се одржува во периодот од 4 до 20 ноември. Освен во Скопје, ќе се игра и во Подгорица, Целје и Љубљана.