Марјан Колев, фаворит за нов селектор на Македонија

Женската сениорска репрезентација на Македонија денеска остана без селектор откако дојде до раскин на договорот меѓу РФМ и Симе Симовски, но деновиве би можело да биде назначен неговиот наследник.

Според информациите со кои располага редакцијата на 24 Ракомет, најсериозен кандидат за наследник на Симовски е Марјан Колев.

Поранешниот репрезентативец на Македонија, кој почна да работи како тренер во Франција во тимот на Ница веќе неколку години има добри резултати во женскиот ракомет во оваа земја. Неговото име сè почесто се споменува, па може да се очекува тој да ја преземе работата со националниот тим.

Колев во моментов е тренер на Јована Мицевска во тимот на Ница. Голманката која од Вардар се преселиво Ница има голем напредок, а и клубот котира високо што е доказ за работата на Марјан Колев.

Секако останува деновиве да се види и кои други тренери би биле противкандидати, но сосема извесно е дека позицијата на Марјан Колев е доста висока на листата на можни тренери така што може да се очекува тој да биде новиот селектор на Македонија.

Изборот е многу важен бидејќи доаѓа во чувствителен период. До Европското првенство на кое Македонија ќе биде домаќин останува околу година и пол така што во овој период ќе треба да се продолжи со формирањето на тимот за настап на шампионатот.

Следната акција женската репрезентација ќе ја има наесен. Во октомври треба да се играат првите натпревари од ЕХФ Еуро купот во кој се организаторите на првенството и последниот Европски првак. Ова значи дека во октомври Македонија ќе има два натпревари од вкупно шестте. Заедно со Македонија во ЕХФ Еуро купот ќе играат и Словенија, Црна Гора и Норвешка.