Мартин Поповски не мрда од Цирих – потпиша нов договор со Амичитија

Македонското десно крило Мартин Поповски и во наредните две сезони ќе ги брани боите на швајцарскиот клуб Амичитија Цирих.

27-годишниот Поповски, кој се најде на поширокиот список на Кире Лазаров пред ЕП, ја игра втората сезона како интернационалец, прикажува одлични партии, па раководството на Цирих му понуди нова соработка.

Покрај на десно крило, Поповски понекогаш ја покрива и десната бековска позиција во тимот.

„Многу сум среќен што сум дел од Амичитија Цирих и што ќе останам во клубот уште две сезони. Се надеваме дека ќе продолжиме да напредуваме и да останеме во врвот на швајцарскиот ракомет. Големата доверба што ја имам од раководството на клубот, ми ја олесни одлуката за продолжување“, вели Поповски.

Штипјанецот потекнува од составот на Текстилец, беше дел од Вардар Јуниор и Вардар, со кој освои европска титула, а една сезона мина и во редовите на Пролет.