Марко Вујин и еден куп екс металурзи и вардарци на првиот список на Херона

Селекторот на Србија, Тони Херона, го објави првиот поширок список од 35 ракометари, од кои ќе ги одбере 16 што ќе настапат на квалификациските натпревари за пласман на ЕП 2022 година.

Херона на списокот го вметна десниот бек на Вардар, Марко Вујин, кој по подолго време би се вратил во националниот тим, а на листата има уште шестмина некогашни ракометари на „црвено-црните“ и на Металург.

Тука се левото крило Вања Илиќ од Шарт, голманот Дејан Милосављев и пикерот Мијајло Марсениќ од Фуксе Берлин, десното крило Дарко Ѓукиќ од Спортинг Лисабон, како и бековите Илија Абутовиќ од Рајн Некар Левен и Немања Обрадовиќ од Загреб.

Србија ќе се сретне со Грција на 4 ноември во Зрењанин и на 7 ноември со Белгија во Хаселт, а во квалификациската група се наоѓа уште и селекцијата на Франција.