Манасков со поддршка за Лазаров: Сигурен сум дека има капацитет, но на клупата не е исто како на терен

Веќе неколку дена европската ракометна јавност не престанува да зборува за назначувањето на Кире Лазаров за селектор на Македонија.

Многу ракометари, ракометни стручњаци, навивачи…го поздравија потегот на РФМ довербата да му ја даде на капитенот да биде предводник на националниот тим.

Меѓу оние што го поддржа Лазаров е легендарниот Пепи Манасков. Тој вели дека не се сомнева во десниот бек.

„Тој има големо играчко искуство. Не се сомневам во познавањето на ракометната игра на Лазаров. Сигурно, кога ќе се седне на клупата не е исто како на терен. Верувам дека има капацитет, но ќе зависат многу работи и од стручниот штаб. Тренерската работа е тимска работа, со таква работа ќе имаме резултати“, изјави Манасков за „Бекстејџ“.

Кога Манасков се откажа од националниот тим, тогаш Лазаров ја презема лидерската улога, а двајцата заедно беа дел од СП 1999 година во Египет.