Манасков: Кога ручаме со татко ми и брат ми, ракометот е забранета тема!

Најголемото засилување кое летово пристигна во редовите на Вардар е македонскиот репрезентативец Дејан Манасков, кој по шест сезони минати во Германија, односно Унгарија, повторно се врати во својата татковина.

Манасков во разговор за официјалниот сајт на СЕХА лигата, истакна дека не размислувал да се врати дома, но сепак, решил да ја прифати понудата од „црвено-црните“ и повторно да го облече дресот на Вардар.

,,По повредата што ја имав минатата година, искрено не планирав да се вратам дома, но сè се случи брзо и морав да се одлучам каде ќе ја продолжам кариерата, па размислив и решив да ја прифатам понудата од Вардар. Сезоната е долга и најважните натпревари ќе бидат во вториот дел од сезоната. Главната битка почнува по јануари кога ќе треба да играме со Еурофарм Пелистер и некои други екипи за домашната титула. Сè уште чекаме да се вратат некои повредени играчи и ќе имаме доволно време да влеземе во вистинската форма без Лигата на шампионите на нашиот распоред за оваа сезона”, изјави Манасков.

Иако левото крило на Вардар потекнува од ракометно семејство, неговиот татко, Пепи е еден од легендите на македонскиот ракомет, додека неговиот брат, Мартин, моментално, настапува за Бутел Скопје, за време на семеен ручек во семејството Манасков е забрането да се зборува за било каква тема поврзана со ракометот.

,,Кај нас за време на ручек не е дозволено да се зборува за ракомет. Кога бев помлад тоа повеќе беше како правило. По многу години повторно ќе бидеме заедно и ќе имаме повеќе време за разговор. Татко ми многу ме критикуваше, но и ме водеше низ процесот. Сега сум возрасен, па не ми пречи критиката од негова страна”.

Денеска со почеток од 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“ ракометарите на Вардар ќе го одиграат четвртфиналниот дуел со Нексе во СЕХА лигата, а победникот ќе обезбеди пласман на Ф4 турнирот во регионалното натпреварување. Манасков очекува со поддршка од навивачите неговиот тим да оствари победа над хрватскиот вицепрвак, додека за титулата во домашниот шампионат очекува голема битка со Еурофарм Пелистер.

,,Играме дома и затоа очекувам навивачите да ни дадат поддршка. Целта за денешниот натпревар секако ќе биде да се намали бројот на технички грешки и да ја подобриме играта во нападот, но како што реков, со поддршка од навивачите сѐ може да се случи. Очекувам да се бориме со Еурофарм Пелистер за титулата во домашниот шампионат. Имаме нов систем, но тие два или три натпревари повторно ќе бидат клучни”, заврши Манасков.