Мала утеха за „зборнаја“ – Русија преку Холандија до петтото место на ЕП

Селекцијата на Русија го освои петтото место на Европското првенство откако славеше над светскиот првак Холандија со убедливи 33-27. По неуспехот против Данска за место во полуфиналето, Русите го сменија селекторот, но ракометарките брзо се опоравија од шокот и победија за утеха против „лалињата“.

Русија отвори со 7-2 по десетина минути, и тоа беше најава каков тек ќе има натпреварот. Се играше практично без одбрана на двете страни и со брзи завршувања на акциите.

Холандија намали на два гола разлика во два наврати, но тоа беше се од избраничките на Емануел Мајонад на овој дуел. До паузата „зборнаја“ обезбеди плус пет, 18-13.

Во второто полувреме шанса за настап доби Карина Сабирова, и со неколку гола по ред, донесе највисоки плус осум, 26-18. Потоа беше и 28-20, а до крајот на мечот Холанѓанките успеаја само да го ублажат поразот.

Најдобри стрелци во руската репрезентација беа Ведјохина со шест и Манагарова со пет погодоци, а голманката Калинина имаше 16 интервенции. Кај Холандија се истакна Абинг со десет голови.