Македонските ракометари се запознаа со „Феникс“(ФОТО)

Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска го одработе првиот тренинг во салата „Феникс“ во Дебрецин во која од утре стартуваат натпреварите од А групата на ЕП 2022 година.

Селекторот Кире Лазаров и неговите избраници вчера допатуваа во Дебрецин со чартер лет од Скопје. Вчерашниот тренинг беше одложен, па денеска прв пат ја „почувствуваа“ салата.

Во Дебрецин температурата деновиве е во минус, но има сонце и дорбро расположение во македонскиот тим. Екипата на 24Ракомет ги пречека ракометарите на пристигнување пред салата. Практика која како што забележавме овде ја практикуваат и дел од словенечките медиуми.

Поради пандемиските протоколи, ова Европско првенство е поразлично од  сите претходни во „нормално време“. Репрезентацијата е на „безбедна дистанца“ од јавноста и од медиумите во хотелот „Лициум“, а првата средба со медиумите денеска беше он-лајн.

Македонската репрезентација настапот на ЕП 2022 во групата А го почнува утре со натпреварот против Словенија. На 15 јануари е дуелот со Црна Гора, а на 17 јануари е натпреварот со Данска. Првите две селекции од групата обезбедуваат пласман во главната фаза на ЕП.