Македонскиот ракомет завиен во црно – почина Андон Бошковски

Македонскиот ракомет е завиен во црно, откако ненадејно утринва почина еден од најпознатите тренери, Андон Бошковски.

Бошковски е роден на 5 октомври 1974 година. Како играч настапуваше за составот на Работнички и за кадетската репрезентација на Македонија пред млад да ја заврши играчката кариера поради повреда на раката.

Ја почна тренерската кариера во клубот каде што ја заврши играчката кариера, Работнички. Во 2004 година се пресели како асистент тренер во составот на Металург. Со тимот од Автокоманда го освои првенството на Македонија и беше дел од ЛШ. Потоа го водеше и тимот на Младост Богданци, пред да се врати во Металург каде остана до 2011.

Потоа се пресели во Вардар, каде му беше асистент на Веселин Вујовиќ и освојуваше титули во СЕХА лигата, во Суперлигата и во Купот на Македонија. Кратко време во 2014 година беше и прв тренер на „црвено-црниот“ тим. Во 2015 година го презема составот на Работнички, пред да започне интернационална кариера во романскиот клуб Роман.

Беше дел и од проектот на Еурофарм Работник, работеше во Струга, Голден Арт и Радовиш, а од лани седеше на клупата на косовскиот Вучитрн.

Во македонската репрезентација работеше од 2008 до 2013 година како дел од стручниот штаб.

Неодамна македонскиот ракомет се збогуваше со еден од основоположниците и татко на Андон, Лефтер Бошковски.