“Македонскиот” Ваљадолид не можеше против европскиот првак Барселона

Екипата на Ваљадолид во натпревар од 23. коло од Асобал лигата очекувано беше поразена на гостувањето кај Барселона со 32:24 (16:11).

Тимот предводен од екс тренерот на Вардар, Давид Писонеро, беше рамноправен во воведниот дел кога се држеше до 3:3, сѐ друго помина во знакот на актуелниот европски првак, кој рутински ја заврши задачата.

Двајцата ракометари од Македонија, Дарко Димитриевски и Димитар Димитриоски беа во составот на Ваљадолид за денешниот дуел со каталонскиот гигант.

Димитриевски постигна два гола и имаше неколку асистенции кон своите соиграчи, додека Димитриоски остана без реализација.

Ваљадолид по 23 одиграни натпревари се наоѓа на 12. позиција во најквалитетното натпреварување во Шпанија.