Македонија ќе игра два баражи за СП 2023, познати можните ривали за првиот

По Европското првенство во Унгарија и Словачка во 2022 година, на ред доаѓа и Мундијалот во 2023 година што ќе се игра на европскиот континент. Шведска и Полска ќе бидат домаќини на најдобрите 32 светски селекции во машка конкуренција, отворањето ќе биде во Полска, додека завршниот викенд во Шведска.

Откако со поразите од Словенија и Црна Гора, стана јасно дека нашата репрезентација ќе заврши на последното место во групата, а пласманот на крај ќе биде од 19 до 24 место, стана јасно и дека ќе мора да игра два баражи за Светското првенство во 2023 година.

Македонија има девет можни противници пред ждрепката, а најважно ќе биде да се избегне Швајцарија, како и незгодната Романија. Со останатите ривали од типот на Белгија, Фарски Острови, Израел…не би требало да имаме проблеми иако не смееме во никој случај да потцениме ниеден од ривалите.

Европа има 15 места (три селекции се пласирани – Данска, Полска и Шведска, медалистите од ЕП 2022 исто така обезбедуваат пласман, па остануваат уште девет места) за следниот Мундијал, а квалификациите ќе се одвиваат во две фази.

Во првата фаза играа селекциите што не беа дел од ЕП 2022, 16 поделени во четири групи по четири, а најдобрите осум обезбедија место во баражите. Покрај овие осум селекции, директно место во првиот бараж има и за Швајцарија, која е најдобро рангирана од селекциите што не обезбедија место на ЕП.

На овие девет селекции им се придружуваат и најслабите девет селекции од ЕП 2022 година (од 16 до 24 место) меѓу кои ќе биде и Македонија, а победниците од деветте двомечи ќе обезбедат место во вториот бараж.

Во вториот бараж веќе ќе бидат пласирани селекциите што ќе се пласираат од четвртото место до 15 место на ЕП 2022 година, со исклучок на Полска, Шведска и Данска, ако сметаме дека овие три селекции ќе бидат во ТОП 15 на ЕП. Тие девет селекции заедно со победниците (девет) од првиот бараж ќе формираат девет двојки, што ќе играат втор бараж двомеч во април догодина. Победниците од тие девет двобои ќе се пласираат на Мундијалот во Полска и Шведска.

Квалификации за СП 2023

бараж 1, 14/20 март 2022,
Швајцарија, Грција, Белгија, Финска, Естонија, Романија, Израел, Италија, Фарски Острови + девет селекции од ЕП 2022, 16-24 место, формираат девет двојки од кои победниците обезбедуваат бараж 2

бараж 2, 11/17 април 2022
девет победници од бараж 1 + девет селекции пласирани од 4 до 15 место на ЕП 2022 со исклучок на Данска, Полска и Шведска, формираат девет двојки од кои победниците обезбедуваат место на СП 2023

Мундијалот ќе се игра од 11 до 29 јануари 2023 година. Домаќини ќе бидат девет градови – Гдањск, Краков, Катовице, Плоцк, Стокхолм, Малме, Гетеборг, Јонкопинг и Кристијанштад.