Македонија Ѓорче Петров го освои Кичево

Ракометарите на Кичево го доживеаја првиот пораз во новата натпреварувачка сезона, откако пред домашната публика беа поразени од Македонија ЃП со 37:29 во натпревар од 5. коло од Првата лига.

Кичево во претходните три натпревари беше подобар од Јехона, Шампион и Овче Поле и не успеа против тимот од Ѓорче Петров да ја продолжи победничката серија.

Натпреварот беше проследен со осилации кај двата табора и во првото полувреме беа постигнати вкупно 35 гола. Домаќините во првото полувреме рамо до рамо се носеа со тимот на Македонија ЃП и успеаја во дел од првите 30 минута да бидат подобриот противник на теренот.

По израмнетата игра во првите десетина минута и нерешените 10:10, ракометарите на Кичево со два гола во низа се одлепија на 12:10, но сепак, гостите не дозволија домаќинот да замине на поголема предност и со серија од 3:0 го свртија резултатот во своја корист, поведоа со 13:12 и на пауза заминаа со предност од 19:16.

Македонија ЃП во вториот дел константно беше во водство и не му дозволуваше на домаќинот да се врати во игра. Ракометарите на Димитриоски во последниот период од натпреварот дојдоа до поубедлива предност и на крај славеа победа со осум гола разлика.

Најефикасен во победничката екипа беше Мартин Димовски со 11 погодоци. Во составот на Кичево, Дарио Јаковлески, Кристијан Смилески, Бојан Стојкоски, Иван Никодиновски и Марјан Сарашов постигнаа по пет гола.