Македонија фати ритам, ја победи Финска и утре ќе игра за 5. место

Младинската репрезентација на македонија во женска конкуренција дојде до победа од 31:25 против Финска на ЕХФ шампионатот во Скопје и се избори за дуел против Исланд за 5. место.

Македонија и Финска одиграа две различни полувремиња. За разлика од претходните дуели кога со одлична одбрана од стартот, Македонија успеваше да дојде до голема предност, овој пат не одеше во ист стил.

На секој погодок имаше одговор од Финска, а тоа резултираше со постојано израмнување на резултатот. Репрезентативките на Финска имаа одговор на играта на Македонија, па се изборија за нерешени 11:11 после завршување на првите 30 минути.

Вториот дел донесе сосема поинаква игра. Подобрата одбрана отвори простор за повеќе погодоци. Ризикувањето на противникот на моменти да игра со 7 на 6 даваше резултат, па тоа отвори можност и да се создава разлика.

Првпат плус пет беше при 18:13 во 40. минута, а тоа даде и сигурност во играта така што беше јасно дека Македонија ќе победи на оваа средба, но ќе мора да го задржи ритамот. Во ниту еден момент не беше дозволено Финска да се доближи и до крајот само беше зголемено водството до највисоки плус осум.

Првпат ова се случи на три минути до крајот од средбата кога резултатот беше 29:21, ново финишот имаше мало опуштање, па Финска намали за конечни 31:25.

Јанкуловска и Коларовска беа најефикасни со по седум гола, пет постигна Седлоска, а четири Ризоска. По три гола имаа Миновска и Арсениевска, додека двапати прецизна беше Џатевска.

Утре од 13 часот против Исланд, Македонија го игра последниот натпревар, а тој е за 5. позиција. Исланд денеска го совлада Косово со 37:23.