Македонија уште на полувреме „го реши“ Луксембург – води со двоцифрена предност

Како и што се очекуваше Македонија нема да има проблеми на почетокот на квалификациите за ЕП 2024 година, бидејќи веќе по првите 30 минути нашите сениори водат со 18-7 против Луксембург. Второто полувреме треба да биде само рутина, и шанса за селекторот Кирил Лазаров да им даде шанса на сите ракометари од составот.

Младиот пивотмен Марко Стојковиќ дебитира за сениорскиот тим во квалификациски натпревар, исто како и бекот на Пролет, Иван Џонов. Мечот на кој сме апсолутни фаворити ќе биде шанса за помладите да добијат минутажа, да се воиграат, но и да се „сокрие“ некој адут за следниот меч на гостувањето во Турција.

Тргнаа силно нашите ракометари и брзо поведоа со 3-0 искористувајќи ги почетните грешки на ривалот. Единствено во 11 минута Луксембург намали на 6-4, а потоа почна целосната доминација на Македонија.

Тогаш проработе и голманот Никола Митрески кој имаше две одбрани во серија, потоа уште една, а Македонија веќе водеше со 9-4. Во 20 минута од мечот Македонија водеше со 14-4 како најава за победа па и за убедлив триумф. Одбраната донесе шанса за брзи и лесни голови, а нападот тоа го користеше.

Луксембург цели 14 минути не постигна гола, што нашите сериозно го искористија и веќе водеа со 16-4. Единствените дилеми што остануваа се со која гол разлика ќе заврши натпреварот. На полувреме таа разлика е „плус 11„ 18-7.

Филип Кузмановски и Цветан Кузмановски дадоа по 4 гола во првите 30 минути.