Македонија тренираше во Швајцарија, а имаше и поддршка од трибините (ФОТО)

Машката сениорска репрезентација на Македонија од денеска е веќе во Шафхаузен каде што утре ќе го одигра својот натпревар од 2. коло од Групата 7 од квалификациите за Европското првенство во 2022 година.

Веќе е познат составот со кој ќе се игра на овој дуел и на местото на Манасков, кој остана во Скопје, на терен ќе се најде Милорад Кукоски.

Ракометарите одработија и тренинг во салата каде што утре ќе се игра натпреварот, а денеска имаа и поддршка од двајца верни навивачи кои секогаш кога македонски клуб или репрезентација игра во Швајцарија тие се на трибините.

Се работи за Славе Томов и Влатко Илиев кои и утревечер ќе бидат на трибините на натпреварот кој се игра со почеток од 18:30 часот.

Според она што е познато утревечер на трибините во салата во Шафхаузен ќе има околу 100 навивачи така што ова ќе биде само мала можност за одредени лица да уживаат во интересен натпревар.

Како што е познато, Македонија ги почна квалификациите со победа од 33:24 против Финска, додека Швајцарија на гостински терен загуби од Данска со 26:31.