Македонија со победнички крај го заврши настапот на СП

Репрезентацијата на Македонија го освои 27 место на Светското првенство во Полска и Шведска, откако во дуелот против Јужна Кореја триумфираше со три гола разлика, 36:33.

Македонија секој напад во воведниот дел го реализираше и доаѓаше до погодок. Дуелот меѓу избраниците на Кире Лазаров и селекцијата од Азија беше отворен со голот на десното крило Костески за водство на Македонија од 1:0. Следуваше период, во кој двете репрезентации го забрзаа темпото, македонската селекција одржуваше чекор пред Јужна Кореја и по нерешените 2:2, со серија од 2:0 нашата репрезентација дојде до ,,плус два” 4:2 во 5 минута.

Јужна Кореја не се снајде најдобро во првите десет минути и дозволи селекцијата на Македонија да го зголеми водството на 6:3. Како одминуваше времето Македонија одржуваше дистанца, го зголемуваше водството и по десет минути игра имаше четири гола разлика, 8:4. Во тој момент селекторот на Јужна Кореја мораше да побара там-аут за консолидирање во редовите на неговата репрезентација.

Ниту советите од клупата не помогнаа во таборот на азиската селекција, која сѐ почесто правеше грешки во нападите. Македонија кон средината на првиот дел дојде до дотогаш највисоките ,,плус пет” и водство од 11:6. Одбраната на Македонија не дозволуваше премногу простор и одлично се справуваше со ривалот во првите 15 минути. Лазаров во последниот дел од првото полувреме направи неколку ротации во поставата и шанса имаа помладите играчи. Јужна Кореја по вторпат врза два гола во серија и во 20 минута успеа да намали дел од негативата, односно да дојде до минус три, 13:10.

Селекцијата на Јужна Кореја имаше шанса да дојде и до минус два негатива, но на голот Томовски имаше одредени блесоци и не дозволуваше противникот резултатски да се доближи. До крајот на полувремето дојде до опуштање во редовите на ,,црвено жолтите”. Откако Македонија водеше со 18:13, селекцијата на Јужна Кореја за неколку минути игра дојде до серија од 4:0 и намали на 18:17. На полувеме резултатот гласеше 20:19 во корист за македонската репрезентација.

На почетокот на вториот дел Македонија успеа да се одлепи на 22:19, но Јужна Кореја не се предаваше и се уште имаше шанси за пресврт. Во 36 минута, селекцијата на Јужна Кореја конечно дојде до израмнување на резултатот 23:23. Кризниот период во репрезентацијата на Македонија беше прекинат со голот Кузмановски од пенал за водство од 24:23.

По водството на Македонија од 25:24, следуваше целосен пресврт на селекцијата од Азија, која израмни на 25:25, а во 43 минута од дуелот за првпат поведе со 26:25. Македонија со голот на Серафимов израмни на 26:26, но Јужна Кореја преку Парк повторно дојде до водство од 27:26. Во следниот период Македонија го презеде водството, но немаше поголема комоција во играта бидејќи Јужна Кореја многу бргу доаѓаше до израмнување. Резултатот во 50 минута беше нерешен, 30:30.

Веќе тука беше јасно дека само нијанси ќе одлучуваат каков ќе биде исходот од дуелот. Македонија во последните осум минути влезе со предност од 32:30, дојде до 34:31 во 55 минута и до крајот одржуваше минимална предност, која беше доволна освојување на 27 место на 28-то Светско првенство.

Најефикасен во Македонија беше Филип Кузмановски со осум погодоци, шест постигна Ненад Костески, Мартин Серафимов реализираше пет пати, по четири погодоци постигнаа Филип Талески и Иван Џонов, три гола запишаа Павле Атанасијевиќ и Костадин Петров, додека по еден постигнаа Марко Стојковиќ, Игор Ѓорѓиев и Мијајло Младеновиќ.