Македонија со добро прво полувреме, но само со нерешен резултат на одмор

Репрезентацијата на Македонија одигра добро прво полувреме на гостувањето во Шафхаузен и после првото полувреме има нерешени 10:10 против Швајцарците иако според играта и според тоа како се движеше резултатот требаше да има предност од 2-3 гола разлика.

Од почетокот на натпреварот репрезентацијата на Македонија влезе максимално и почна со контрола на резултатот. Првите неколку напади не одеа најдобри и на двете страни, а Митревски беше на ниво.

Македонија имаше два гола предност и тоа рано со 4:2, но домашните се вратија, па на средина од првиот дел имаа нерешени 4:4. Сепак, резултатот се менуваше одново, а Македонија беше во предност и успеваше да остане во позитива.

Одново беа вратени двата гола позитива, а немаше реализација за плус три првпат во овој натпревар. И кога шансите не се користат најчесто доаѓа до казна, а таа стигна откако после неколку неискористени напади и одбрана во која не функционираше сè најдобро се дојде до негатива од еден гол.

Швајцарија првпат на оваа средба поведе на почетокот на последната минута од првиот дел со 10:9. Во последниот напад, сепак, беше обезбеден нерешен резултат за на одмор откако Лазаров успеа да го најде патот до голот на противникот.