Македонија победена, но не надиграна: Младите му докажаа на селекторот Лазаров дека заслужено се во репрезентацијата

Машката репрезентација на Македонија загуби на првиот од двата пријателски натпревар од селекцијата на Србија со 26-29. По солидниот прв дел, избраниците на Кире Лазаров во второто полувреме играа уште подобро, но не можеа да направат комплетен камбек.

Македонија стартуваше со Кизиќ на голот, крила беа Кузманоски и Костески, пикер Аларов, а бековската линија ја сочинуваа Младеновиќ, Ѓорѓиев и Серафимов.

Нашите момци имаа лош старт. Со двата гола на новајлијата во српскиот национален тим, Драган Пешмалбек, како и на Борзаш и Воркапиќ, Србија се одлепи на предност од 4-0. Тоа беше причина, Кире Лазаров по пет минути игра да бара тајм-аут. По еден долг напад, Аларов прифати една топка и го постигна првиот гол за Македонија, 4-1. Уште неколку грешки во нападот беа причина, Србија да се одлепи на највисоки 6-1.

Таквата предност ја одржуваа петнаесетина минути, 11-6, но потоа нашата селекција имаше налет. Кузманоски, Јагуриновски и Мишевски погодија за 11-9 и веќе беше надминат почетниот притисток. Шанса добија Симоноски, Кукуловски, Ѓорѓовски, Кондев, Ѓорѓески, но две грешки во нападот и Србија се одлепи повторно на највисоките плус пет, 15-10.

Кондев погоди од контра за 15-12, а потоа Ѓорѓиев не беше прецизен од пенал на пет минути до крајот. Кизиќ забележа одбрана, па веднаш казната за домашните стигна од Младеновиќ за 15-13. Беше и 16-14, па 17-15, пред Србите со уште еден гол да поведат со 18-15. Нашите момци не го реализираа последниот напад во првиот дел.

Набрзина во вториот дел Србија стигна до плус четири, 21-17, но момоците на Лазаров се вратија на минус два, 21-19. Имаа шанса и за минус еден, немаше реализација, па домаќините лесно си ја вратија предноста на петнаесетина минути до крајот, 25-20.

Домашните останаа со двајца играчи помалку на теренот, Кизиќ даде погодок од гол на гол за 25-22, но и Кузманоски беше исклучен во акцијата потоа. Радојковиќ даде два гола во серија за 27-22, а Кукиќ зголеми на 28-23 кога остануваа да се доиграат уште пет минути. Намаливме на 28-25, но немаше време за комплетен камбек во мечот и Србија славеше со 29-26.

Вториот пријателски натпревар се игра утре во Ниш од 16:00 часот.

СРБИЈА – МАКЕДОНИЈА 29-26 (18-15)

Сала: „Чаир“ во Ниш. Судии: Боричиќ и Марковиќ

СРБИЈА: Бомаштар, Воркапиќ 3, Борзаш 2, Сретеновиќ 1, Кривокапиќ, Пешмалбек 6, Ѓукиќ 1, Трнавац 1, Н. Илиќ 1, Кукиќ 3, В. Илиќ, Шотиќ, Ратковиќ, Николиќ 2, Петриќ, Богдановиќ 1, Радојковиќ 4, Милосављевиќ 1, Ѓорѓиќ 3

МАКЕДОНИЈА: Кузманоски 6, Манасков, Ѓорѓиев 2, Петковски, Ѓорговски, Костески 3, Кизиќ 1, Ѓорѓески 1, Кондев 1, Кукуловски, Младеновиќ 1, Јагуриновски 3, Стојковиќ, Аларов 2, Атанасовски, Серафимов 1, Симоноски 3, Мишевски 2