Македонија има пет победи на седум стартни мундијалски дуели – може ли да продолжи традицијата?

Репрезентацијата на Македонија денеска стартува на Светското првенство 2023 со натпреварот против Норвешка.

Скандинавската селекција е голем фаворит против избраниците на Кире Лазаров, но македонската репрезентација нема да излезе со бело знаме на терен и сигурно ќе се обиде да го изненади светскиот вицепрвак од 2017 и 2019 година.

Историски гледано, македонската репрезентација одлично ги отворала Мундијалите, бидејќи во стартните дуели на сите Светски првенства има биланс од пет победи и два порази.

Македонија на првиот настап на Светското првенство, 1999 година во  Египет, во првиот натпревар беше подобра од Саудиска Арабија со 28:26. На Мундијалот во Хрватска (2009), на кој ракометарите на Македонија го освоија 11 место, на стартот беа поразени од Тунис со еден гол разлика, 25:24.

На Мундијалите во Шпанија (2013) и Катар (2015), нашата репрезентација на стартот славеше против Чиле, односно Тунис. Две години подоцна, на Мундијалот во Франција, Македонија во првиот дуел ги одмери силите со Тунис и триумфираше со 34:30.

На отворањето на последните два Мундијали, во 2019 и 2021 година, Македонија имаше победа и пораз. Македонија на стартот на Светското првенство во Германија (2019) славеше против Јапонија со 38:28, додека на Мундијалот во Египет (2021), нашата репрезентација на почетокот беше поразена од Шведска со32:20.