Македонија имаше лош почеток, но на одмор има само минус еден против Црна Гора

Репрезентативците на Македонија имаат негатива од еден гол после првите 30 минути против во кои имаше многу надигрување, а нијанси решаваа каков ќе биде резултатот на полувреме. Резултатот од 16:17 можеше да биде сосема поинаков, но ќе има уште 30 минути за да се надомести.

Македонија имаше тежок почеток. Иако и денеска Мартин Томовски тргна со одбрани и беше на потребното ниво, сепак, натпреварот беше отворен со грешки што отвори простор за серија на противникот. Црна Гора тргна со 4:0, но ова беше само отворање на натпреварот.

Мартин Серафимов беше расположен во нападот и тој ги постигна првите три гола за намалување на 3:5. Меѓутоа тука дојде до нова криза, па средбата отиде на голема негатива од пет гола, 3:8 и 4:9.

После тајм-аутот работите почнаа да се поправаат. Неколку измени во составот овозможија да се смени ритамот и да се влезе во еден период во кој имаше што да се види бидејќи конечно профункционира нападот, па Македонија се доближи на два гола негатива.

При 9:11 почна најавата за враќање во средбата. Имаше игра, но премногу се брзаше што влијаеше и на одбраната, па колку што брзо се погодуваше противничкиот гол толку противниците успеваа да псотигнат гол веќе во следниот напад. Оттаму постојано беше гол за гол. Црна Гора поведуваше со три гола, а Македонија успеваше да намали до два гола.

На одмор се замина со негатива од само еден гол, 16:17 така што вториот дел ќе биде шанса за да се надомести и да се освојат бодови денеска.

Најефикасен на теренот е Милош Вујовиќ со пет гола, додека во Македонија четири гола има Велковски, по три имаат Серафимов и Кузманоски, а по двапати прецизни беа Миркуловски и Кузмановски.