Македонија добива ривали – каков ќе биде патот на сениорите до ЕП во 2022 година (ФОТО)

Првите активности на машката сениорска репрезентација на Македонија би требало да бидат во ноември, кога избраниците на Данило Брестовац ќе ги одиграат првите два квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство во Унгарија и Словачка во 2022 година.

Покрај домаќините, директно пласирани на ЕП се и финалистите на ЕП 2020, Хрватска и Шпанија, додека 32 селекции ќе се борат за преостанатите 20 места. Меѓу нив и репрезентацијата на Македонија. Сениорите се најдоа во вториот шешир пред утрешната ждрепка, а тоа значи дека ќе ги избегнат селекциите на Австрија, Белорусија, Португалија, Србија, Русија, Црна Гора и Холандија.

Од првиот шешир изборот не е премногу голем, но било идеално ако ги добиеме Чешка или Исланд на пример. Од третиот шешир има неколку нагазни мини како Швајцарија, Полска и Украина, додека од четвртиот сеедно е која селекција ќе ни биде ривал. Првопласираните и второпласираните одат на ЕП, како и најдобрите четири од третопласираните.

Ждрепката е закажана за утре со почеток во 17:00 часот во Виена, додека квалификациите почнуваат во ноември со првиот циклус од два меча, потоа продолжуваат во март и јуни следната година. Доколку се паднеме со некоја од репрезнтациите што ќе играат квалификации за Олимпијадата, натпреварите од мартовскиот циклус, ќе се одиграат од 6 до 10 јануари, следната година.