Македонија во нок-даун во „Борис Трајковски“, Грција нѝ приреди огромен шок

Машката кадетска репрезентација на Македонија доживеа тежок пораз и голем шок на дуелот против Грција во првиот натпревар на ЕХФ шампионатот во „Борис Трајковски“ во Скопје откако претрпе пораз од 26:30 со што ги намали шансите на минимум за пласман во полуфиналето.

Почетокот на средбата мина во голем грч кај репрезентативката на Македонија. Беше очигледно дка не се влегува во средбата со најсилната постава туку со комбиниран состав со цел да се сокрие нешто за дуелот против Полска, но тоа не го даде посакуваното.

Грција премногу лесно доаѓаше до погодоци, а Македонија немаше акција во која смирено ќе нападне кон голот на противникот. Во обид брзо да се пренесе топката на противничката половина најчесто и се грешеше бидејќи речиси секоја брзо завршена акција завршуваше главно без реализација.

Од она што можеше да се забележи имаше премногу солирање што сигурно не било договорено пред почетокот на натпреварот, па место да се дојде до водство и мирна игра постојано морашеда се брка резултат, а во таква игра тешко се доаѓаше за гол.

Најлошиот период беше од 12. до 19. минута кога во нападот имаше најголем број на грешки и ниту еден гол. Од 5:6 резултатот дојде до 5:11 така што тука беше загубена битката во првите 30 минути. Периодите на игра во која имаше само мали моменти на позитива не дадоа резултат така што на одмор се замина со 11:16.

Вториот дел даде мала надеж дека ќе биде подобро, но потоа одново се влезе во грешки. Повторно истите проблеми со брзање во нападот и одбрана која не беше доволно агресивна. Тоа донесе до минус седум гола во 42. минута и резултат од 16:23.

Иако следуваа три гола во серија беа пропуштени два напади за да се дојде до помала негатива од четири гола и пресврт во оваа средба. Грција делуваше одлично подготвено,а голманот Аслис доминираше. Речиси секоја трета топка кон неговиот гол ја имаше одбрането така што не му беше воопшто проблем лесно да собира одбрани.

Сепак, надежта дека може да се направи нешто на овој дуел позитивно за да останат поголеми шанси за полуфинале се појави на нешто повеќе од три минути до крај кога беше намалено на 25:27. На овој резултат, Македонија имаше и напад, но Савревски биеше во голманот на противникот.

До крајот следуваа нови грешки и лесно примени голови, па Грција се радуваше на победа и бодови со што сега останува само една шанса за полуфинале, а тоа е победа против Полска в четврток што ќе биде навистина тешко според играта прикажана денеска.

Најефикасни во редовите на Македонија денеска беа Илиоски и Ѓоргоски со пет гола, четири имаше Митев, а другите голови ги постигнаа Димовски 1, Митревски 3, Атанасијевиќ 1, Омерагиќ 1, Стојковиќ 2, Иваноски 2, Савревски 2.