„Маго ди Умаго“ се врати дома – пречек за Лино Червар и во родниот град

Повеќе од илјада жители на хрватскиот град Умаг, родното место на селекторот Лино Червар во текот на вчерашниот ден организираа пречек на градскиот плоштад за стратегот што и го донесе на Хрватска сребрениот медал.

„Горд сум на успехот, на нашите сјајни дечки. Имавме неколку епски натпревари, тоа треба да се издржи. Емоциите се уште се свежи, но по седум дена можам да кажам дека ние сме морални победници, имајќи ги предвид хендикепите со кои се соочувавме во текот на првенството“, вели Червар.

Градоначалникот на Умаг му се заблагодари на Червар за остварениот резултат и потврди дека тој е најголемата гордост на овој град и на неговите граѓани, кои едвај го дочекале моментот лично да му честитаат  не само на овој успех, туку и на сите претохдни.

Следен и последен предизвик за Лино Червар на селекторската позиција ќе бидат квалификациите за Олимписките игри и евентуалниот настап во Токио на лето.