Магдебург фаќа залет кон четвртфиналето: ППД Загреб беше во игра само едно полувреме

Германскиот првак Магдебург со победа се враќа од гостувањето кај ППД Загреб со резултат 25-31 (14-16). Домаќините предводени од Чупиќ му парираа на бунделигашот само во првиот дел, кога имаше резултатска неизвесност и возбудлив ракомет. Магдебург на почеток на вториот дел ги реши дилемите околу победникот на овој дуел и со серија голови се одлепи на плус пет, разлика доволна за победа на овој дуел.

Германците го отворија резултатот на овој дуел, но „плинарите“ беа први до „плус два“ во воведот на натпреварот од групата А во Лигата на шампионите. Загреб резултатската иницијатива ја загуби во средина на првиот дел кога гостите дојдоа до минимална предност која ја одржуваа до крајот на триесетте минути за кончени 14-16 во корист на Магдебург.

Воведниот период на вториот дел ги разреши сите дилеми околу поделбата на бодовите на овој дуел. Точно на средина на второто полувреме Магдебург ги достигна највисоките шест голови предност при резултат 20-26. Иако хрватскиот првак успеа бргу да намали два гола од високата негатива, немаше сили за нешто повеќе. Германците рутински го одиграа финишот на овој дуел, кој заврши со резултат 25-31.

Најпрецизни во составот на Магдебург беа Смитс со 9 и Мертенс со 7 голови, кај ППД Загреб Чупиќ постигна 6 голови, а Чавар и Срна по 4. ППД Загреб останува на шестата позиција, но има и натпревар помалку, додека Магдебург се зацрвсти на втората позиција во групата А од Лигата на шампионите, место кое води директно во четвртфиналето на елитното натпреварување.