Лоша вечер за Будуќност: Ѓер се прошета низ Подгорица

Ракометарките на Ѓер триумфираа во Подгорица против Будуќност со 30:19 во вториот четврт-финален натпревар од Лигата на шампионите во женска конкуренција. Будуќност со краткиот ростер на ракометарки немаше доволно сила да им парира на фаворитките за освојување на шампионската титула во овогодинешната сезона, па реваншот ќе биде само формалност.

Шампионот на Црна Гора имаше лошо отворање и затворање на првото полувреме. Со неколку избрзани акции во нападот, Будуќност имаше негатива од 6:2 во почетните минути. Ѓер играше одлично и лесно доаѓаше до голови. Сепак, работите во тимот предводен од Бојана Поповиќ се сменија кон средината на првата половина и преку Радичевиќ и Грбиќ полека се враќаа во игра. Иако ракометарките на Будуќност заостануваа со два гола разлика, сепак, Ѓер со своето искуство успеа да стигне до водство од 16:11 на полувреме.

Во второто полувреме, Ѓер беше моќен и не дозволи никакво опуштање на теренот. Разликата од пет голови од првото полувреме беше надоградена со плус осум разлика, 20:12, во 36. минута. Предноста растеше до самиот крај и тука ништо не можеа да спасат искусните ракометарки, Алисон Пино, Јованка Радичевиќ и голманката, Барбара Аренхарт која имаше неколку одлични интервенции.

Најефикасна во победничката екипа беше Стине Офтедал со девет гола. Во тимот на Будуќност се истакнаа двете поранешни ракометарки на Вардар, Јованка Радичевиќ и Алисон Пино со по пет гола.

На реванш средбата закажана за 10 април со почеток од 18 часот во Ѓер, ракометарките на Будуќност ќе се обидат со достоен резултат да ја завршат овогодинешната сезона во Лигата на шампионите.